Холандското Министерство за надворешни работи соопшти дека официјално го повлече својот амбасадор од Турција, кој беше физички спречен да влезе во државата поради спор кој започна во март минатата година.
Како друга мерка, министерството за надворешни работи објави дека нема да ги прифати акредитивите на новиот амбасадор на Турција во Холандија.
„Ги паузираме разговорите со Турција околу решавањето на ова прашање“, соопшти министерството.
Со тоа дополнително се влошуваат односите меѓу двете земји кои од лани се на најниско ниво.
Владите на двете земји дојдоа во конфликт, откако Холандија одби да им издаде визи на турски официјални лица, кои сакале да шират политичка пропаганда меѓу турската дијаспора во врска со референдумот за измени на уставот. Притоа, на авионот што го превезувал турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу му било забрането да слета во Амстердам.