ВИДЕО – Велески : Прилеп има добра локација, ресурси и одлични потенцијали за зголемување на бројот на туристи

Во последните неколку години бројот на домашни туристи во Прилеп бил во подем, но стагнирал бројот на странските посетители, вели во интервјуто за Инфо Компас Милан Велески, професионален туристички водич. Според него Прилеп имал добра локација, добра позиција и тој би можел да го зголеми бројот на туристи кои го посетуваат и од тоа да направи релативно добар обрт и профит во нудењето на туристички услови. Марковите Кули биле еден примарен ресурс од културно и етнолошко значење, а тука биле и црквите во Варош како и околните манастири. Прилеп го негувал и алтернативниот туризам кoј кај нас бил претставен преку туризмот на возбуда, посета на релјефно интересни места како Марковите Кули, Мариово, тука е болдерингот, планинскиот велосипедизам, планинарење, алпинизам и слично. Со Велески поразговаравме и за идните можности за развој на туризмот во Прилеп.

 

 

 

Дали Прилеп е позната и посетена туристичка дестинација кај домашните и странските туристи ?

 

Прилеп е делумно посетена туристичка дестинација кај домашните и странските туристи. Според статистиката од 2012 до 2016 па и 2017 година имаме раст на домашните посетители, но имаме стагнација и опаѓање на странските гости кои го посетуваат градот. Можеме Прилеп да го набљудуваме како дел од поширокиот Пелагониски плански регион и тука Прилеп може да направи повеќе работи кои би ја зголемиле компетитивноста на градот и би донеле повеќе туристи, дали тоа би биле транзитни туристи, културни туристи, авантуристи, посетителите кои бараат некои единствени работи од етнолошки и културен аспект и други. Прилеп има добра локација, добра позиција и тој би можел да го зголеми бројот на туристи кои го посетуваат и од тоа да направи релативно добар обрт и профит во нудењето на туристички услови. Прилеп има доволно потенцијали, дали тоа би биле културни, етнолошки, географски вредности кои би го поставиле високо на мапата на туристички посети следната година и понатаму.

 

Кои се културните ресурси за туристичката дејност ?

 

Културата како феномен е збир на многу појави, традиции, многу културни богатства, културни ресурси кои се отсликуваат преку културното наследство на еден град, на етнолошкото наследство. Прилеп има неколку добри локалитети од археолошки, културен и историски аспект кои би можеле да го профилираат како една од најдобрите дестинации за посета во Македонија. На пример ги имаме Марковите Кули, остатоци од стари населби, археолошки наоѓалишта и слично кои би требало прво инфраструктурно да ги подобриме и да ги понудиме во официјалната програма за културно – туристички развој на Општина Прилеп. Имаме цели региони како на пример прилепскиот дел на Мариово кои нудат одлични услови за развој на еден поинаков вид на туризам, освен на авантуристичкиот и на културниот туризам, кој зема замав во регионот, се создаваат потреби кај посетителите да дојдат и да видат нешто уникатно, нешто што го нема кај нив.

 

 

 

Моментално се наоѓаме пред „Марковите Кули“, тоа е еден цел комплекс кој се протега од тука па се до вешташкото езеро, Трескавец и Небрегово. Колку овој комплекс е значаен за профилирањето на Прилеп како туристичка дестинација?

 

Марковите Кули се еден примарен ресурс од културно и етнолошко значење, од уметнички аспект, Марковите Кули се еден континуум уште од праисторијата па се до денес. Имаме податоци кои сведочат за неолитот, до времето старото македонско кралство, имаме остатоци од римско време, па потоа Византија, се до освојувањето на Османлите на овој период. Прилеп и Варош се центарот на едно стратешки важно место кое се викало Прилапон, споменато во 11 век во византиските извори и до ден денес Прилеп е носител на профилирањето на околината како туристичка дестинација. Марковите Кули носат значење и мотив за поголема десиминација на туристичките податоци и материјали кои би го довеле до една подобра состојба како што е денес. Имаме еден важен манастир и остатоци од уште 70-тина цркви во околината на Варош. Од сегашните туристички цели вредно е да спомене манастирот „Свети Архангел Михаил“ кој се наоѓа веднаш до населбата Варош.

 

 

Како што кажавте постојат голем број на цркви и манастири во Прилеп и неговата околина, колку се тие значајни за културната валоризација на Прилеп како регион ?

 

Со самиот факт што еве ќе ги наведам трите најзначајни манастириски целини во едни пошироки балкански рамки кои довеле до ширење на една христијанска етика, култура и уметност, тоа се манастирите Трескавец, Свето Преображение или Зрзе и манастирот Свети Архангел Михаил, овие три манастири се едни од најважните во целокупната македонска културна карта и од високиот среден век па се до крајниот среден век тие носат едно огромно значење за културното возвишување на македонскиот и другите народи кои живееле тука. Црквите и манастирите имаат високи потенцијали, но мораме подобро да ги брендираме и подобро да ги заштитиме. Паралелно со посетите на поголем број на туристи расте и ризикот од уништување на вредното културно наследство кое што е претставено црквите и манастирите, во нивните дворови и галерии. Со тоа мора да научиме да понудиме едно одржливо решение кое би ги ставило на маса аргументите на црковната организација и аргументите на државата од една страна за заштита на истите. И од друга страна потребите на туристите и туристичките водичи и туристичките работници кои би ги решиле некои недоразбирања или некои работи кои недостасуваат во една симбиотична претстава на културното наследство преку црквите и манастирите.

 

 

 

 

Покрај културниот, историскиот, етнолошкиот во Прилеп доста е развиен и алтернативниот туризам, што се случува на ова поле ?

 

Алтернативониот туризам е една спротивставеност на масовниот туризам. Алтернативниот туризам е можеби можност, потенцијал, кој побарува интегриран пристап кој би ги вметнал повеќето актери во туризмот. Алтернативниот туризам ги претставува регионите какви што се. Овој туризам кај нас е претставен преку туризмот на возбуда, посета на релјефно интересни места како Марковите Кули, Мариово, тука е болдерингот, планинскиот велосипедизам, планинарење, алпинизам и слично. Пелагонискиот регион и Прилеп поседуваат опции и потенцијали за развој на алтернативниот туризам, но ни треба инфраструктура и вложување во хотелското сместување, можеби и создавање на туристички населби на алтернативниот туризам. Адаптација на некои селски средини, адаптација на приградски целини кои би понудиле еден поинаков вид на сместување, еден поинаков вид на анимирање на гостите настрана од масовниот туризам кој завзема за жал се повеќе посетители кои припаѓаат на едни програми и шеми кои во една недела патување низ Балканот можеби Македонија ја посетуваат само 2 дена.

 

 

Каква е ситуацијата со вашата фела тука во Прилеп, дали сте организирани во некое здружение, дали имате соработка со институциите ?

 

Водичите сме организирани преку здружението на лиценцирани туристички водичи на Македонија со седиште во Скопје. Соработката во зависност од позадината на проблемот оди релативно добро. Потребно е да се направат едни унифицирани туристички обуки за водичи кои би вметнале и практичен дел и мислам дека во наредните месеци ќе биде реализиран овој предлог кое здружението заедно со стопанската комора за туризам го изготвија и ќе го достават до надлежните институции. Мислам дека е потребно профилирање на потенцијалните кандидати за туристички водичи според квалификации и според знаења. Не можеме само да создаваме само нови кадри во туризмот кои би го имале туризмот како споредна работа, а не како професија која ќе биде верна на македонскииот карактер на државата и регионот.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи