Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун и неговиот татко Ким Јонг-Ил користеле лажни бразилски пасоши, за да извадат визи за посета на западни земји во 1990-тите. Иако и досега имаше информации дека владејачкото семејство патува со лажни документи, Ројтерс првпат ги објави копиите од лажните пасоши на лидерите во Северна Кореја. Агенцијата успеала да ги добие копиите од бивши припадници на севернокорејските безбедносни служби.
„Користеа бразилски пасоши за да добијат визи од странските амбасади. Тоа ја покажува нивната желба за патување, но и можеби и обид за организирање маршрута за бегство“, изјавил за Ројтерс еден од бившите севернокорејски разузнавачи.
Севернокорејската амбасада во Бразил одбила да го коментира случајот, а бразилското МНР потврди дека е почната истрага за случајот. Извори од Бразил изјавиле дека наведените пасоши биле легитимни документи кога биле испратени до конзулатот. И западни безбедносни претставници потврдуваат за Ројтерс дека пасошите, кои гласеле на имињата Јозеф Пваг и Ијонг Тчои, биле користени за добивање виза најмалку од две земји на Западот. Не е познато дали визите биле издадени, односно дали биле одобрени барањата засновани врз лажни пасоши. Пасошите, според истите извори, можеле да се користат за патување во Бразил, Јапонија и во Хонгконг.
Јапонскиот весник „Јомиури Шимбун“ во 2011 година објави дека Ким Јонг-Ун го посетил Токио како дете, користејќи бразилски пасош. И двата бразилски пасоша имаат жиг од бразилската амбасада во Прага, со датум на издавање на 26 февруари 1996 година. Со технологија за препознавање лица е потврдено дека се работи за фотографиите на Ким Јонг-Ун и неговиот татко.
Пасошот со фотографијата од Ким Јонг-Ун е издаден на името Јозеф Пваг, чиј датум на раѓање е наведен како 1 февруари 1983 година. За него толку малку се знае, па дури ни датумот на раѓање на актуелниот севернокорејски лидер не е потврден, но се смета дека имал помеѓу 12 и 14 години кога биле издадени пасошите. Познато е дека Ким Јонг-Ун учел во меѓународно училиште во Берн, Швајцарија, каде што се претставувал како син на официјалниот шофер на амбасадата. Истовремено, пасошот на Ким Јонг-Ил е издаден на името Ијонг Тчои, со датум на раѓање 4 април 1940 година. Ким Јонг-Ил почина во 2011 година, а всушност е роден во 1941 година. И на двата лажни пасоши како место на раѓање е наведен Сао Паоло.