Украинската полиција извршила рација во протестен камп во близина на зградата на Парламентот при што се судрила со демонстрантите во обидот да го отстрани. Над 100 лица се уапсени, а 10 лица се повредени.
Протестниот камп пред украинскиот парламент во октомври го формираа поддржувачите на Михаил Саакашвили, поранешниот претседател на Грузија, кој стана истакнат опозициски политичар во Украина, од каде што беше депортиран на 12 февруари, а демонстрантите бараат да се воспостави национален суд против корупцијата.
Портпаролот на националната гарда, Андриј Кришенко изјави дека полициската акција била дел од истрагата за претходното насилство на антивладиниот протест пред Парламентот. Според властите, 17 полицајци биле повредени на судирите со демонстрантите на 27 февруари.
„Мора да извршиме инспекција по две судски одлуки и да ја пребараме оваа област… Потоа комуналните работници ќе го исчистат местото“, изјави шефот на полицијата.
Полицијата соопшти дека за време на претресот во кампот пронашла рачни и димни бомби и молотови коктели.
Кампот беше разгранок на пошироко опозициско движење, кое одржува редовни мирни протести во Киев, барајќи оставка од претседателот на Украина Петро Порошенко поради доцнењето со реформските напори.