Обвинителството поднесе обвинение против 30 лица за настаните кои се случија во Собранието на 27 април кога беше извршен упад во Собранието и беа нападнати пратенции, новинари и собраниски службеници.
Од вкупно 35 осомничени обвинението е поднесено против 30 лица, за четири лица е прекината постапката бидејќи не се достапни за органите на прогонот, а за едно лице постапката е запрена бидејќи обвинителството не нашло докази дека лицето сторило кривично дело.
Јавниот обвинител Љубомир Јовевски рече дека обвинетите го загрозиле уставниот поредок со насилство и создале чувство на несигурност и страв.
„Опсежната истрага утврди дека обвинетите дејствувале со иста цел извршувајќи усогласени дејствија“, рече Јовевски.
Според обвинението, обвинетите го загрозиле животот на пратениците, новинарите и на вработените кои во тој момент биле во законодавниот дом.
Дваесет и осум лица се товарат за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело.
За упадот во Собранието осомничени се поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, пратеници и организатори на протестите од иницијативата „За заедничка Македонија“.
Истовремено е поднесен предлог до Судот за продолжување на мерките притвор и куќен притвор.