Претседателите на Турција, Русија и Иран денеска на состанокот во Анкара се заложија да соработуваат со цел постигнување на траен прекин на огнот во Сирија.
Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани ја потврдија „решителноста за активна соработка поради траен прекин на огнот помеѓу завојуваните страни“ се наведува во соопштението.
Во заедничката изјава на Ердоган, Путин и Рохани од тристраната средба во Анкара, се повикува меѓународната заедница и, посебно, ОН да ја зголемат помошта за Сирија, односно да испратат дополнителна хуманитарна помош, да придонесат во активностите за деминирање, обнова на инфраструктурните објекти, вклучувајќи ги и социјалните и економските, и да се зачува историското наследство.
Во текстот уште се наведува дека трите земји ќе продолжат да соработуваат во борбата против терористичките организации Исламска држава и Ал Каеда, како и групите поврзани со нив.