Земан тврди дека Чешка произведувала и тестирала „новичок“, кој подоцна бил уништен

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на Чешка Милош Земан синоќа изјави дека во Чешка било произведено и тестирано мало количество отров од групата новичок. Безбедносната информативна служба, на која ѝ дал задача да ја истражи чешката трага на аферата со труењето на поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипаљ, констатираше дека нема таква поврзаност.

 

„Во ноември минатата година во истражувачкиот воен институт на Министерството за одбрана во Брно е тестиран нервниот отров обележан како А230. Количеството на произведениот отров беше релативно мало, а по тестирањето овој отров е уништен. Воениот институт и Државниот институт за нуклеарна безбедност тврдат дека тоа не бил новичок. Но добив извештај од воената одбранбена служба каде што изрично се вели дека е новичок“, кажа Земан во редовното неделно интервју за приватната ТВ Барандов.

 

Чешкиот претседател заклучи дека воените разузнавачки служби подобро го познаваат овој проблем од цивилната контраразузнавачка служба БИС и го прифати нивното мислење.

 

„Јас заклучив. Кај нас бил произведен и тестиран новичок, во мало количество, а потоа бил уништен. Знаеме каде, знаеме кога, и би било лицемерно да се преправаме дека тоа го немало кај нас. Не прашав зошто е проучуван, но знам дека тестирањето е запрено и понатаму не е продолжено“, рече Земан.

 

Претседателот на Чешка, како и другите чешки највисоки службеници, претходно ги отфрли како клевети обвинувањата на Русија дека Скрипаљ и неговата ќерка се отруени во Солзбери со материја позната како новичок, која не мора да била од Русија, туку можеби и од Чешка.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи