Поројните дождови и невремето од изминатите 24 часа создадоа сериозни проблеми и материјална штета во повеќе делови на Грција.
На Халкидики се поплавија повеќе места, улиците се претворија во реки, а нанесена е материјална штета на инфраструктурата, на домови и возила, за среќа без повредени или жртви.
Најпогоден беше вториот крак на Халкидики и областа Никити Ситониа. Поради невремето и поплавата, автомобили и канти за отпадоци завршија во морето.
Локалната управа на Никити, веројатно е дека ќе побара да се прогласи вонредна состојба.
Штети имаше и на првиот крак, во областа Касандра, во Касандрија, Сивири и Неа Фокеа, а силни врнежи од дожд беа забележани и во североисточниот дел на Халкидики.
Агенциите пренесуваат дека мошне сериозна е состојбата и во околината на Атина, каде што во ноември минатата година во поплавите, животот го загубија над 20 лица.
Охрабрува податокот што врнежите се престанати и се очекува постепено нормализирање на состојбите.