Шпански борбен авион, стациониран во база во Литванија, за време на обука, по грешка испуштил ракета во воздушниот простор на Естонија. Како што соопшти шпанското Министерство за одбрана, со овој инцидент не била предизвикана штета, а отворена е и истрага во врска со истиот.
Војската наведе дека авион од типот „Јурофајтер“ на шпанските воздухопловни сили по грешка истрелал ракета воздух-воздух во јужниот дел на Естонија. Министерството за надворешни работи на Шпанија истакнува дека инцидентот се случил вчера попладне „во зона во која е дозволен таков тип вежби“, пренесуваат француските медиуми.
„Ракетата воздух-воздух не погодила авион. Министерството за одбрана отвори истрагата за точно да се утврди причината за инцидентот“, се појаснува во соопштението.
Естонската страна соопшти дека ракетата има ограничено полнење и дека евентуаната шетата може да се види само на местото на ударот. Во мисијата во потрага по проектилот се вклучени и хеликоптери, но тоа засега не вродило со плод.
Инаку Балтичките земји, кои се граничат со Русија, немаат борбени авиони па за одбраната се грижат авионите на НАТО.