Турција почна со преземање на ,,неопходните правни мерки “ за поддршка на лирата и за обезбедување ликвидност на банките.
Турската Централна банка за да ја одбрани лирата го намали нивото на резерви на комерцијалните банки и ги олабави прописите кои го регулираат начинот на кој управуваат со својата ликвидност во лири и странски валути.
„Ублажувањето на ограничувањето на резервите ќе ослободи дури 10 милијарди лири, шест милијарди долари и три милијарди долари во злато“, соопшти централната банка.
Турското Министерство за внатрешни работи започна и со затворање на социјалните мрежи, каде се шират информации за падот на лирата во однос на доларот. Од таму соопштуваат дека од 7 август биле идентификувани 346 профили на социјалните мрежи кои на провокативен начин објавувале коментари за слабеењето на турската лира.
„Информациите за падот на лирата, создаваат негативна перцепција за турската економија“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Турција.
Кризата започна со барањето на Вашингтон за ослободување на евангелистичкиот свештеник Ендру Брансон, на кој во Турција му се суди за тероризам. Во спротивно од САД се заканија со санкции. Турскиот суд го префрли Брансон во домашен притвор по речиси 20 месеци затвор, но разочарани од неговиот континуиран притвор, Вашингтон санкционираше двајца турски министри, а потоа ги удвои тарифите за увоз на турски челик и алуминиум.
Работите се влошија во петокот, кога претседателот на САД, Доналд Трамп, го одобри удвојувањето на царините за челикот и алуминиумот увезен од Турција. Како последица на тоа, турската лира во однос на американскиот долар претрпе сериозен пад од околу 30 проценти.