Со 30-ина слики и шест мермерни скулптури од годинашново Прилепско уметничко лето, синоќа Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп во своите простории во Домот на културата „Марко Цепенков“ одбележа 55. годишнината на Меѓународниот симпозиум во мермер што е дел од работилниците на Центарот.
Како една од најстарите манифестации во Македонија и на Балканот, Центарот за современа ликовна уметност, кој датира од 1957 година, дал импозантен број дела на македонското културно наследство и преку 200 мермерни скулптури, нагласува раководителот на Центарот, Горан Ристески.
„Годинава прославуваме 55 години од Скулпторскиот симпозиум во мермер. Досега се изработени преку 200 скулптури, од кои 115 се поставени во центарот на Прилеп. Дел скулптури се поставени во државни институции. Годинава ќе биде издаден и јубилеен каталог. Од годинашните работилници, од 61-та сликарска колонија и од скулпторскиот симпозиум во мермер, прилепската публика ќе може да види 30 дела. Годинава изработивме шест монументални скулптури во мермер, и тоа на уметниците: Марина Стопоња од Хрватска, од Татијана Каравелиќ од Србија, од Џузепе Санто Спиту од Шпанија, од Никола Смилков од Македонија и на скулпторот Тодоровиќ од Црна Гора. Скулптурите, уметничките дела, со оглед на годините се во добра кондиција, добро се чуваат. Во сите работилници што ги опфаќа Центарот за современа ликовна уметност од 1957 година, се создадени преку 1 500 дела од уметници од целиот свет. Се надевам дека и во иднина ќе ја зголемуваме ризницата на уметнички дела со што Прилеп ќе го направиме горд град на уметноста и на културата“, рече Ристески.
Центарот ја има поддршката на Министерството за култура и на прилепската локална самоуправа нагласија заменик-министерот за култура Владимир Лазовски и градоначалникот Илија Јованоски.
„Ова е навистина голем јубилеј. Центарот за современа ликовна уметност е една од првите ликовни галерии во Македонија. Ќе ја има поддршката на Министерството за култура. Впечатливо е што имаат да кажат уметниците, а преку делата се гледа дека тоа е импресивно“, рече Лазовски.
Јованоски пак истакна дека низ градот се поставени над 120 мермерни скултури со кои,како што рече, Прилеп наликува на галерија на отворено. Истакна и дека Центарот за современа ликовна уметност секогаш ќе ја има поддршката на локалната самоуправа.