Ивана Темелкоска од Прилеп е победник на годинешниот фотографски натпревар „Вики ја сака храната“, посветен на храната, традиционалните јадења и специјалитети во Македонија и ширум светот, организиран од страна на Википедија на македонски јазик.
Натпреварот имаше за цел собирање и документација на фотографии од македонски традиционални јадења, како и јадења, специјалитети и воопшто храна од целиот свет, кои подоцна ќе се користат за илустрирање на статии за тие области на Википедија.
Натпреварувачите се натпреваруваа во 2 категории: Професионална фотографија на храна и Аматерска фотографија на храна. Беа подигнати вкупно 687 фотографии од 40 поединечни учесници, на кои беа прикажани вкупно над 100 различни традиционални јадења, специјалитети и храна од Македонија и националните и регионални кујни ширум светот.
Натпреварот беше прв пат организиран во 2015 г. од страна на Викимедија Индија, а во Македонија за прв пат е спроведен во 2017 година.
Победнички фотографии со професионален квалитет.
1. Ивана Темелкоска – сутлијаш
2. Даниел Цуклев – тортелини
3. Ивана Фидановска Мицевска – зелник со праз
Победнички фотографии со аматерски квалитет.
1. Мартин Ташкоски – ружа со јаболко и слатко од диви јагоди и цреши
2. Алексанад Миловановски – традиционална проја