Поради сѐ позачестените негативни последици од климатските промени и појавата на град, Министерството за земјоделство интензивно работи на мерки со кои ќе се заштити земјоделското производство од временските непогоди.
Новиот систем за градобијна заштита предвидува контрола на климатските услови преку т.н.засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на земјата со специјално опремени авиони кои ќе испуштаат раствор за спречувањеа формирање мраз во облаците.
„Во завршна фаза е воспоставувањето модерно решение за градобијна заштита. Министерството за земјоделство ќе обезбеди 1,5 милиони евра за спроведување постапка за јавна набавка од страна на Управата за хидрометеоролошки работи за избор на компанија. Овој период беа одржани неколку консултативни работни состаноци со УХМР за спроведување на целата постапка“, информира МЗШВ.
Воедно потсетува дека на земјоделците и натаму им е на располагање мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто. Вкупната сума во Програмата за оваа намена е 70 милиони денари. МЗШВ работи и на нов модел за зголемување на осигурувањето на земјоделското производство.