Антикорупциската комисија на денешната седница отвори три постапки за еден вицепремиер, еден градоначалник и за претседателот на Врховниот суд.
Антикорупционерите отворија постапка за хидроцентралата на фирмата „Тополки“, каде што еден од сопствениците е вицепремиерот Кочо Анѓушев преку фирмата „Феро инвест“, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител. Ќе се истражува како земјиштето во Дреново завршило во нивните раце.
Отворени се и и постапки за набавките на „ауди“ за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, како и за „бмв“-то за Врховниот суд. На седницата се нагласи дека набавката на возилата, првото вредно 67.000 евра, а второто 40.000 евра, е извршена во време кога Владата донела одлука финансиски да им се помогне на општините кои имаат долгови, меѓу кои е и Струга, со долг од 4 милиони евра.
Антикорупциска по пријава на ВМРО-ДПМНЕ отвори предмети за премиерот Зоран Заев во врска со случаите „Глобал“ и „Поткуп“, за кои има судски пресуди. Отворени се и постапки за т.н. „бугарски фирми на Заев“ и за „грчките фирми на Манчевски“.