Утре во Прилеп ќе се одржи 61. Критична маса, овој пат под мотото „Со велосипед, за почист свет“. Целта е да се поттикне возењето велосипед во летниот период што следи, а со тоа и да се намали загадувањето на воздухот и бучавата во Прилеп.
Вело-активистите нагласуваат дека со секое вклучување на моторот на колата, секој граѓанин го загадува воздухот кој го дише со своите блиски.
„Покажи му на тој до тебе како може да се заштити себеси и Прилеп од загадениот воздух. Предложи му на колегата да одите заедно до работа со точаци, оди на кафе со точак, собери ја девојка ти на точак за на театар, плати сметки на точак, оди кај баба ти на пита со точак. Вози за почист Прилеп“, велат од ПрилепНаТочак.
Нагласуваат дека нам како граѓани на овој град ни останува да го правиме она за што се залагаме.
„Да тргнеме од себеси, да почнеме или да продолжиме да возиме велосипед, да не чекаме подобри услови, туку со своето присуство на улиците, да покажеме дека тие услови се повеќе од неопходни! Биди дел од промената, зошто градот е она што прават неговите граѓани“, потенцираат активистите.
Како и секогаш, Критичната маса тргнува од плоштадот „Александрија“, во 19:00 часот пред споменикот на Александар Македонски.