Здружението за рурален развој Локална Акциона Група Агро Лидер во соработка со одделението за земјоделски задруги при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одржаа заедничка презентација пред фармери од Пелагонија на тема можности и бенефити од формирање на земјоделски задруги.
„Настанот е поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем кој ги поддржува активностите на ЛАГ Агро Лидер предвидени со проектот „Подобрување на продуктивноста и пазарниот успех на македонските фармери“. Цел на овие информативни средби е подобро запознавање на фармерите со можностите кои се предвидени со националните програми за поддршка на основање и обезбедување на одржливост на земјоделските задруги, кои може да бидат двигател на зголемена продуктивност и економска одржливост на земјоделците кои се основачи на задругата“, изјави Марина Тошеска од Локалната Акциона Група Агро Лидер.
Земјоделството и руралниот развој се неопходност за нашата земја па затоа политиките на МЗШВ се фокусирани во секој сегмент на овој сектор, а формирање на земјоделски задруги е приоритет за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонските земјоделци, во поглед на поголем профит, поголема конкурентност, застапување и лобирање, како и намалување на ризиците.
Во програмите на МЗШВ за земјоделски задруги постојат многу можности за добивање на советодавни услуги како и финансиско олеснување за земјоделците и фармерите кои планираат со здружени сили да функционираат како земјоделска задруга. МЗШВ им стои на располагање на сите заинтересерина земјоделци во административната постапка за регистрирање на земјоделска задруга и пристапот до финансиска поддршка.