Од 7:00 часот утринава во функција е наплатната рампа кај Гевгелија, на делницата Демир Капија – Смоквица, каде се наплатува најскапата патарина во земјава, во износ од 100 денари!
На патарината кај Смоквица има 10 наплатни рампи, односно пет кон Гевгелија и Грција и исто толку кон Скопје. Како и на другите патарини долж коридорот 10 и на оваа е овозможено електронско плаќање.
Патарината почнува со работа откако Јавното претпријатие за државни патишта го пушти во употреба споредниот пат до Гевгелија за жителите на околните села.
Автопатот Демир Капија-Смоквица беше пуштен во употреба на 23 април лани. Оваа делница од автопатот е долга 28,2 километри, а изградбата чинеше 218 милиони евра, и плус 10 милиони евра за надзор.
На Коридорот 10 треба допрва да проработи и наплатната рампа кај Демир Капија, која што треба да проработи во текот на наредните месеци за да се собира надоместокот за употреба на автопатот од Градско до Демир Капија.