Ми ги украдовте соништата и детството со вашите празни зборови, вака го започна говорот во Обединетите нации во Њујорк малата и храбра активистка Грета Тунберг. 16-годишната тинејџерка која беше еден од говорниците на специјалниот самит за климатските промени говореше пред повеќе од 60 светски лидер, а воедно им одржа и лекција.
„Ова не е во ред. Јас не би требало да бидам овде, туку на училиште на другата страна од океанот. Вие им се обратувате на младите за надеж. Како се осмелувате?! Вие ги украдовте моите сништа и моето детство со вашите празни зборови“, го почна Тунберг својот остар говор.
Грета порача дека е сериозно време да почнат да се занимаваат со проблемот со климатските промени и да најдат начин како да се справат со истите.
„Цели екосистеми умираат, ние сме на почетокот на масовно исчезнување, а вие само зборувате за пари и бајки за вечен економски раст. Очите на идните генерации се вперени во вас. И ако изберете да нѐ изневерите, никогаш нема да ви простиме. Нема да се извлечете со тоа. Сега и овде е каде што повлекуваме линија“, кажа Тунберг.
Грета е родена во 2003 – тата година во познато уметничко семејство. Нејзината мајка, оперската пејачка Малена Ерман во многу наврати говорела за тоа како е да бидеш родител на две деца со дијагностициран аутизам и АДХД (синдромот на недостаток на внимание и хиперактивност).
Минатиот септември, Тунберг првпат избега од часови за да протестира пред шведскиот парламент, носејќи знак „училиштен штрајк заради климата“. Протестираше цели три недели, а потоа доаѓаше само во петоци, инспирирајќи илјадници млади да ѝ се придружат. Тоа во меѓувреме се претвори во глобално движење против климатски промени, на чиј протест во петокот се приклучија милиони луѓе низ цел свет, во повеќе од 180 држави.
Откако светот дозна за Грета и таа беше номинирана за Нобелова награда, имаше неколку јавни настапи во кои говореше зошто е важно да се грижиме за околината, а еден од највпечатливите беше оној што го имаше на конференцијата на Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутиереш изјави дека 77 држави ветиле дека ќе работат на тоа да постигнат јаглеродна неутралност до 2050 година и дека ќе сторат многу повеќе во борбата против климатски промени. Исто така, 100 бизнис лидери ветиле дека ќе се придружат на зелената економија, а една третина од глобалниот банкарски сектор поставиле зелени цели.
- Индија, Кина и Европска Унија изјавија дека ќе спроведат порешителни планови против емисијата на штетни гасови во 2020 година.
- Водечките пристаништа, банки и нафтени и транспортни компании се здружија во иницијативата да постигнат нулта загадување во прекуморскиот сообраќај до 2030.
- Финска постави за цел да стане прва индустријализирана нација која ќе апсорбира повеќе јаглерод отколку што ќе емитува.
- Откако посади милијарда дрвја во последните пет години, Пакистан вети дека ќе посади уште 10 милијарди во наредните пет.
- Грција кажа дека ќе ја забрани пластиката за еднократна употреба до 2021 и ќе престане со употребата на највалканиот јаглен до 2028.
САД, Австралија, Јапонија и Саудиска Арабија се меѓу земјите кои не учествуваа на самитот, зашто беа поканети само оние држави кои имаат план за намалување на емисијата на штетни гасови.