По три години казна затвор добија тројцата обвинети од екс раководството на ЕЛЕМ во случајот „Тарифа“, на Специјалното јавно обвинителство.
Случајот се однесува на противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Казна затвор доби поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ Дејан Бошкоски и раководителите Методиј Стоименовски и Ненад Ѓорговски. Судот досуди дека тие ја злоупотребиле службена положба и ја оштетиле компанијата, со тоа што овозможиле на конзорциумот „Нераст“ да изврши јавна набавка на софтверски систем со нецелосна документација за потребите на компанијата.
Освен казната затвор, Ѓорговски треба да плати оштета од 20.000 евра, а Стоименовски ќе треба да плати 30.000 евра во рок од 3 месеци од денот на пресудата.
Случајот Тарифа е само еден од неколкуте што ги отвори СЈО а досега добија пресуда. Повеќето се уште се заглавени во процедурите, некои застарија, а некои ќе почнат од почеток.