Владата бара прогласување на вонредна состојба во целата држава

 

На последната владина седница било одлучено да се предложи прогласување вонредна состојба во државата, за справување со корона вирусот, изјави на денешната прес конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски.

 

„Ова што ни се случува е вонредна ситуација која бара вонредна состојба. Немаме повеќе ни најмала дилема во однос на ова прашање. Затоа, денеска одлучивме да предложиме воведување вонредна состојба на територијата на целата држава. Мерките кои досега се носеа ги дадоа очекуваните резултати, но потребно е да се радикализираат за да спречиме колку е можно уште поголем пик на болеста во кратко време. Таквата ескалација може да ја спречиме само со воведување вонредна состојба на целата територија на државата“, рече Спасовски.

 

Тој објасни дека постои уставна одредба дека претседателот има овластување да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Спасовски нагласи дека ова ќе биде првпат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава и тоа е една од најтешките одлуки што ги донела која било влада.

 

„Ништо повеќе не е исто. Животот радикално се промени како кај нас и во светот. Затоа, потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата, сите да се однесуваме одговорно“, кажа Спасовски, додавајќи дека само со вонредна состојба Владата ќе може непречено да делува во борба против вирусот.

 

Техничкиот премиер истакна дека ова не значи дека по автоматизам ќе има рестрикции на движењето и дека доколку има било какви нови мерки тие ќе се носат на дневно ниво и за истите јавноста ќе биде навремено и објективно информирана.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи