Брзата интервенција на противпожарната екипа од Прилеп, како и пожртвуваноста и храброста на соседите доцна попладнево придонесоа да не изгори семејна куќа на улицата „Вардарска“, број 2 во Прилеп.
Пожарот започнал во една од просториите на првиот кат. Кога се појавиле пламените јазици еден од соседите веднаш истрчал до блиската бензинска пумпа од каде го зел апаратот за гаснење и влегол во куќата да се бори со огнената стихија, додека друг сосед го гаснел огнот со црево приклучено на чешмата во дворот.
Според првичните и се уште непотврдени инфромации огнот настанал од некоја свеќа. Истото зад камерите го потврдија и соседите кои учествувале во гаснењето, но не сакаа јавно да зборуваат. Во моментот на пожарот во куќата биле присутни две жени на возраст од околу 50-тина години.
Брзата интервенција пак на пожарникарите спречи огнот да не се прошири и на соседните куќи.
„Опожарена е една соба. Собата е целосно опожарена, но беше спречен пожарот да не се одвива на повисоките спратови, како и да не се шири хоризонтално на другите куќи. Акцијата беше успешна, интервенирано е со 2 возила и 10 пожарникари“, истакна Виктор Стојчески, командир на ТППЕ Прилеп.
Истрагата треба допрва да утврди како точно настанал пожарот.