ВИДЕО – Православните верници во Прилеп револтирани од одлуката на Владата да се затворат гробиштата

По повод празниците Задушница и Духовден, а поради забраната од страна на Владата за одење на гробишта, помените за починатите во Прилеп се извршуваат во сите православни храмови. Денеска, утре и во недела помените ќе се извршуваат од 7.00 до 15.00 часот. Верниците се услужувани од страна на свештениците веднаш по самото доаѓањето во храмот во било кое време во овој пропишан период кој завршува во еден час пред започнувањето на полициски час во 16 часот.

 

 

Во црквите се запазуваат буквално сите пропишани протоколи и мерки. Верниците влегуваат внатре со маски, пред влегувањето во црквата и по излегувањето од храмот се употребуваат средства и гелови за дезинфекција на рацете. Внатре пак нема воопшто гужви и турканици и се запазува пропишаното растојание. Токму за да нема гужви од црквата велат дека услугите кон верниците ќе се даваат преку целиот ден.

 

Но сепак граѓаните се револтирани од како што велат односот на власта кон нив како православи верници. Револтирани се и поради забрана за одење на гробишта. Велат дека пеењето на гробовите траело само неколку минути, било на отворен простор и не постоела голема опасност од вирусот, додека пак сметаат дека во црквите се наоѓаат во затворен простор и постои можност да се создаде одредена гужва.

 

„А значи нашата власт на едни мајка, на други маќеа. Владата не тера како што треба. Син имам закопано 35 години и денес да не отидам на гробишта? Ќе си стојам настрана, ќе дојде свештеникот, ќе си пее екој збор и ќе си замине. Сега нема да не фати короната кога ќе се собереме тука во една педа место“, рече една прилепчанка.

 

„Според мене на отворено на гробишта е побезбедно отколку вака да се собирам. Многу пропустии се направија, многу се измешаа сите работи. Особено со другиве верски заедници поинакво е однесувањето, зошто спрема нас христијаните е вака незнам“, кажа друга прилепчанка.

 

„На овој ден најдобро да се пее на гробишта бидејќи поменот за починатите се пее на местото каде се погребани нашите најмили. Жалам што ова ни се случи, разочаран сум од односот на власта, подобро на бевме на отворен простор отколку во затворен во Божјиот храм“, истакна еден граѓанин.

 

„Таму се упокоените и таму треба да биде чинот. Оваа одлука на власта е никаква, политичка, незнам каква“, кажа друг прилепчанец.

 

„Еве сега идам од гробишта, затворени се, а тука сега има можебу гужва. И сега таму простор отворен подобро него в црква“, додаде друг граѓанин.

 

„На гробишта е подобро, така нас ни е традицијата, сега некои нови правила измислуваат“, рече друг граѓанин.

 

„На гробишта таму сме пораздалечени, задушица е, еднаш годишно, таму требаше да биди“, ова е ставот и на останатите анкетирании граѓани.

 

Како што известуваат од ЈКП „Комуналец“ кои стопанисуваат со гробиштата во Прилеп, и новите и старите градски гробишта во градот под Марковите Кули денеска се затворени и нив ги чуваат патроли на полицијата. Во недела пак е празникот Духовден или Педесетница, 50 дена после Велиигден, кога се одбележува и роденденот на црквата.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи