Инфо Компас предлог дестинација за овој викенд: Охрид-Радожда-Лин-Поградец-изворите на Дрилон-Свети Наум

 

 

Доколку немате идеја каде да го поминете овој продолжен викенд Инфо Компас ви препорачува интересна дестинација на делот од Охридското езеро каде не се очекуваат толку гужви за празникот. Патеката по која би се движеле е Охрид-Радожда-Лин-Поградец-изворите на Дрилон-изворите кај Свети Наум и Манастирот Свети Наум.

 

Радожда е последното македонско село во Струшко, веднаш после него е границата со Албанија. Најпознатиот симбол на Радожда е пештерската црква посветена на Свети Архангел Михаил. За да се стигне до неа изградени се бетонски скали од центарот на селото до самата црква. За да влезете во неа клуч побарајте во некој од рестораните во селото, бидејќи црквата не е постојано отворена. Црквата се претпоставува дека е изградена во 13 век. Во Радожда можете да се сместите во некој од апартманите кои се издаваат, а исто така и да уживате во вкусната храна во некој од рестораните, каде главен специјалитет се рибите.

 

 

Од Радожда може да се упатите на албанска страна од Охридското езеро каде прво населено место кое ќе ве пречека е селото Лин. Од Лин до Поградец има околу 20 км., се движите по одличен асфалтен пат, кој по целата негова должина има велосипедска патека. Албанскиот град Поградец е сместен на јужната страна на Охридското езеро и се наоѓа на само 12 км. од Свети Наум или околу 20 минути возење од овој манастирски комплекс. Денес Поградец брои околу 30.000 илјади жители и претставува вистински урбан туристички центар. Километарски песочни плажи уредени со шанкови и лежалки, шеталишта, маркети, бутици, кафеани и кафулиња на секој чекор и се тоа по доста пристапни цени. Веднаш после Поградец се наоѓаат Изворите на Дрилон или уште како што ги нарекуваат – близнакот на изворите на Свети Наум, инаку во минатото омиленото летувалиште на албанскиот лидер, Енвер Хоџа. Изворите Дрилон се од карстно потекло и се вливаат во југоисточната страна на Охридското езеро, во близина на селото Гурас, кај градот Поградец. Нивото на водата се менува во зависност од сезоната и во голема мера зависи од врнежите на дожд и снег. Водата во овие извори, заедно со тие кај Св. Наум, потекнува од Преспанското езеро. Изворите се препознатливи по кристално чистата вода и по мирниот тек на истата во плитко корито, опкружено со најразлична вегетација, се до вливот во Охридско езеро. Температурата варира од 11 до 15 степени целзиусови.

 

 

После изворите на Дрилон е Македонско-Албанската граница, после која се наоѓа велелепниот бисер на Охридското езеро манастирот Свети Наум. Манастирот е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, Климентовиот соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година бил погребан во него. Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др. До самиот манастир се и познатите и живописни извори кои излегуваат од варовитите спили во подножјето на планината Галичица. Најпрвин водата се собира во езерце со две островчиња, прекрасно уредени со кафеани и гости кои уживаат во убавината на природата. Пловење по езерцето на изворите е дозволено само со чамци без мотор, а водата е комплетно незагадена.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи