„Холограм од емоции“ – книга на писателката Марија Кулеска

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


 

Во едиција на млади иделалисти од Здружението за книжевен развој „Нов Вавилон“ излезе од печат „Холограм од емоции“ на младата писателка од Прилеп, Марија Кулеска.

 

„Холограм од емоции“ е необичен пост-модернистички роман со филозофско-психолошка содржина кој веднаш ќе ве натера да размислувате за смислата на постоењето, загубеното време и природното право да се биде идеалист со повод и причина.

 

„Сублимативната надеж му приоѓа на човека како водилка кон сопственото осознавање. Емоционалниот распад е само дел, за човек да проникне во сопствената длабочина и капацитет и да зачекори во нов свет раскинат од илузиите на средината. Свет каде постои тој како целосна индивидуа и каде горчината на гневот е само една химерична слика, која воопшто не е поврзана со постоењето. Во наративот се преточени приказни на жени, кои слободата ја согледуваат како интелектуален стремеж, да се надминат осудувањата, маргинализацијата на жената да биде гледана само како објект во една средина.

 

Можеме ли несигурноста да ја земеме во раце и едноставно да ја преточиме во сила, која би проблеснала и би не направила индивидуализирани личности во средина, каде постои конзерватизам и очекувања на конформизам? Заталкани вериги на емоции, кои се напластуваат кога во човековата душа ќе преовлада гневот и стравот. Го срозиваат она што нѐ прави доследни на самите себе си, онаа природна инклинација и љубов кон самиот живот“, вели писателката Кулеска.

 

 

„Писателката веднаш се впушта во вековната загатка на филосот и еросот и на дедуктивен начин ги расфрлува како шаховски фигури болката, радоста и стоичката умереност. На автентичен начин преку низа филозофски паралели и лични психоанализи понира во најдлабоките и неодговорени тајни на човечкото суштествување. И тука сите сме повикани на танц во бесконечната игра на нихилизмот и превреднувањето на општествените вредности. Треба само да се издржи до крај“. –

Холограм од емоции“ е роман за неразбраните, за оние што љубат да талкаат, за оние што случајно ќе се загубат во самоволието на потсвеста. Тука слободата е привилегија на оние што не им е мачно одново да се раѓаат.

Овој роман нѐ учи и воедно не предизвикува дали сме подготвени да ставиме огледало пред нашите скриени мисли и емоции?! И што всушност е посилно: нашата волја или нашиот бес?!“, ќе запише во рецензијата писателот Никола Илијовски

 

Марија Кулеска е родена во Прилеп, 1994 година. Таа е професор по англиски јазик и книжевност. Истражувач е во полето на когнитивната лингвистика и мотивациски фактори во учењето на англискиот јазик. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата по англиски јазик и книжевност. Сега е магистрант на Филолошкиот факултет во Скопје, насока наука за јазик — англиски јазик. Истражувањето во книжевноста е нејзино хоби. Овој роман е нејзино зачекорување во светот на писателската фела.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи