Во големата полициска акција која вчера се спроведуваше во Прилеп, а чија цел беше сузбивање и отркивање на голема дилерска мрежа се уапсени 6 лица. Од МВР велат дека бил извршен претрес на 16 локации во Прилеп каде било одземено одредено количество кокаин, марихуана, пари за кои постојат докази и сомненија дека потекнуваат од продажба на дрогата, три возила, мобилни телефони и други предмети.
Групата била следена подолг период наназад со ПИМ мерки. Одделот за криминалистичка полиција во соработка со ОВР – Прилеп, а по насоки дадени од страна на Јавниот обвинител од Прилеп, од септември 2020 година, ја спроведувал криминалистичка истрага за повеќе лица за кои имало сомненија дека се инволвирани во недозволена продажба на хероин, кокаин марихуана и амфетамин на подрачјето на Прилеп. Досега во склоп на оваа акција од септември до денес биле приведени 16 лица, за кои биле обезбедени докази дека се дел од криминалната група.
Она што привлекува најголем интерес во овој случај е тоа што дилерите биле поврзани со полицајци кои соработувале со нив. Полицајците иако знаеле за овој криминал и продажбата на дрогата тие не превземале ништо.
„Во текот на истрагата се обезбедени докази за криминалната група при што лишени се од слобода 16 лица, а во текот на вчерашниот ден (05.02) извршени се претреси на 16 локации, а лишени се од слобода шест лица и одземени три возила, пари за кои постојат докази дека потекнуваат од продажба на дрога, марихуана, кокаин ,мобилни телефони и други предмети: П.А. (31), од кого се одзмени и возило „бмв5“, пари и мобилни телефони, Д.А. (32) од кого се одземени џип, пари и мобилен телефон, Ј.Џ. (41), В.Ј.(32), од кого е одземена дрога и мобилен телефон, Д.А. (35), од кого се одземени возило „бмв“, пари и мобилен телефон и Р.М. (34)“, соопшти Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Во вчерашните уапсени нема полицајци, но од МВР велат дека сега истрагата во Прилеп ќе продолжи со цел утврдување на кривична одговорност и на полициските службеници, како и кон другите лица за кои постојат основи на сомневање дека се инволвирани во трговијата со дрога.
Според неофицијални информации осомничени се околу 20-тина лица од Прилеп дека биле дел од нелегалната трговија со дрога.