Специјалниот претставник на Македонија во решавање на спорот со Бугарија, Владо Бучковски најави дека во блиска иднина ќе има заедничка продукција помеѓу МРТ и БНТ, како и извести за барањата за емитување од уште три приватни бугарски ТВ канали во Македонија.
Макс ТВ на Телеком ќе ја реемитува BNT4 како дел од балканскиот пакет од 1 март. Во исто време еден од каналите на Македонската радиотелевизија, сателитскиот канал, ќе се реемитува преку бугарските оператори. Имаме уште три барања за влез на бугарски приватни телевизии, ТВ Европа, ТВ Блумберг и Велнес ТВ, но тие се проверуваат во моментов како би можеле да влезат во пакетот на Макс ТВ. Истото ќе се направи и со неколку приватни национални телевизии за реемитување во Бугарија. МРТ и БНТ се пред потпишување на договор за размена на дописници и размена на забавна и музичка програма. Ова треба да кулминира со создавање на заедничка продукција во блиска иднина – вели Бучковски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.