Усвоена Национална програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“

Во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, 2021 година е посветена на великанот на македонската култура, со што нашата земја и официјално се приклучува кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година да биде Година на мирот и довербата.

 

 

Имајќи предвид дека културата и образованието директно влијаат врз градењето на општествената перцепција за вистинските вредности во едно општество, Владата на Република Македонија ја усвои Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

 

 

Носител на Програмата за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која ќе се одвива под покровителство на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, е Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.

 

 

Програмата ќе се реализира во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата се обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за спорт и млади.

 

 

Покрај многубројните културно-образовни содржини, во рамките на јубилејот  е предвидено Народната банка на Македонија да издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата на Македонија ќе издаде поштенска марка со ликот на великанот на македонската култура, додека настаните ќе се реализираат под унифициран плакат и лого на манифестацијата.

 

 

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е најзначајната фигура на македонскиот 20 век. Филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ).

 

 

Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

 

 

О тешкото!

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,

штом тапан ќе грмне со подземен екот –

во градиве зошто жал лута ме стиска,

во очиве зошто ми навирa река

и зошто ми иде да плачам ко дете,

да превијам раце, да прекријам лик

та гризам јас усни, стегам срце клето,

да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,

на чело им мисла, во очи им влага

и првиот чекор по меката трева

е мирен и бавен, со здржана тага.

Но ‘рзнува тапан и писок се крева

и молнија светнува во секој глед,

и напред се пушта, се стрелка, се слева

стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;

не издржа срце – сив сокол во клетка,

не издржа пламен жив потулен во око,

не издржа младост што сака да летне!

Се залула оро! Се заврте земја,

и чиниш – се корне стресениот век,

и околу трпнат ридиштата темни

и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро

со исконска сила за земјава наша

и во него шуми на реките зборот,

и во него рика див ветер и страшен

и во него шепнат узреани житја

и вечерен мирис се разлева тих,

и земјата дише во пролетна ситост

со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен

во тешково оро се уткала сета –

век по век што трупал сè попуст и мрачен

од крвава болка, од робија клета,

век по век што нижел од корава мисла

за радосна челад, за слободен свет,

од песна – за љубов што гине со пискот

ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,

на очиве магла ми напаѓа сура,

и одеднаш – в бескрај се растега редот

и ридја се губат в пустелија штура –

и еве кај иде од маглата матна

сè сенка до сенка, сè еден до друг –

во бескрајно оро син оди по татка,

по деда си – внук.

Времињата мрачни се нивното поле,

и нивната свирка – на прангите ѕвекот,

а главите им се наведени доле,

и покроце врват – сè чекор по чекор.

О времиња, што ве в мрак родот мој минал,

кој збор ќе ми најде за вашата стрв?

Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат

над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,

на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,

кој на срце болки ќе изреди збрани,

и на очи солзи, и клетви на усти?

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

од калеши моми и невести ред.

со врзани раце во плен што ги погнал

насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

дур не стана народ во листена гора,

сè дури со јадот од векови собран

не поведе бујно, бунтовничко оро!

се залула танец низ крвје и огон,

и повик се зачу и грмеж во чад –

те разнесе сегде бунтовната нога

по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села

во слобода првпат штом ќе opo сретнам,

зар чудно е – солза да потече врела,

зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!

Од вековно ропство, мој народе, идеш

но носиш ти в срце дар златен и пој.

Пченицата твоја триж плодна ќе биде,

И животот твој!

 

 – Блаже Конески

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира