Социјалното претприемништво како пат во кариерата

 

Здружение Достоинствен Работник во рамките на проектот: „Унапредување и одржување на правични и продуктивни работни средини за развој на локалната заедница“ поддржан од швајцарската програма Цивика Мобилитас, организираше тркалезна маса со присуство на професори/ментори од кариерните центри од средните училишта од Прилеп и претставници од граѓанскиот сектор за предизвиците и перспективите на социјалните претпријатија во земјата и регионот.

Воедно, социјалното претприемништво во Северна Македонија е во своите првични стадиуми на развој, но  постоечките социјални претпријатија покажуваат дека има потенцијал за раст и развој на овој концепт и кај нас. За разлика од Европа, каде социјалната економија придонесува за околу 10% од БДП, а секое четврто новоотворено претпријатие е социјално, ние сме одвај на почетокот соочувајќи се со бројни предизвици.

„Социјалните претпријатија се карактеризираат со тоа што, иако користат претприемачки принципи, се стремат да и служат на заедницата. За разлика од другите бизниси, профитот кај овие претпријатија се реинвестира за постигнување на конкретна општествена промена. Нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој, обезбедуваат добра и услуги за маргинализираните и неразвиени заедници и вработуваат лица од ранливи групи“, истакна Стефан Чичевалиев, Извршен директор на Опсерваторија за социјално претриемништво од Скопје.

За да се поттикне развојот на овој концепт на претпријатија, потребна е заокружена законска рамка на национални политики која треба да овозможи:

  • – дефинирање на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија во македонскиот контекст;
  • – отстранување на сите законски пречки за делување преку креирање на флексибилни механизми, можност за социјални иновации како и фискални и даночни бенефиции и;
  • – добро осмислени, балансирани и сеопфатни стратегии и програми за поттикнување и развој на социјалните претпријатија имајќи ги предвид споменатите предизвици и потреби.

„Развојот на социјално претпријатие, како и започнувањето со кој било нов бизнис, е возбудлив и активен процес што бара многу посветеност и време. Тоа бара многу напорна работа, но подеднакво треба да биде корисно и пријатно искуство. Здружението Достоинствен Работник од овој аспект во наредниот период ќе ги едуцира и зајакни професорите/ментори на кариерните центри во средните училишта да го видат предизвикот и да ги вклучат учениците за нивно професионализирање при вклучување на пазарот на труд“, вели Рубинчо Аризанкоски, проект координатор.

Заклучокот е дека развојот на социјалното претприемништво во Северна Македонија е неопходно да биде стратешки поддржан и да се интегрира во плановите за економски и одржлив развој. Во поддршката на социјалната економија потребно е да се вклучи пошироката бизнис заедница паралелно со јавните институции и агенции како и граѓанскиот сектор.

Автор : Рубинчо Аризанкоски

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи