Одбраната за „Монструм“ тврди дека пресудата е донесена без докази, се најавуваат нови протести

Facebook
Twitter
Email
Print

Одбраната на обвинетите во случајот „Монструм“ е незадоволна од пресудата што денеска ја изрече Основниот кривичен суд во Скопје и најавија жалби до Апелација, бидејќи сметаат дека обвинетите се првостепено осудени без докази. Притоа, нагласуваат адвокатите, воопшто не била земена предвид одлуката на Врховниот суд кој во ноември 2017 година го врати предметот на повторно одлучување.

 

„Нема никакви докази, не се обрна воопшто внимание на одлуката на Врховен, кој кажа дека нема докази, дека тие не се сторителите“, рече адвокатот Насер Рауфи, кој е убеден дека пресудата ќе се укине пред Апелација или Врховен.

 

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, пак, обвини дека постои спрега помеѓу судот и јавното обвинителство, а во прилог на тоа, според него, оди и што судечкиот совет го прифатил предлогот да се определи притвор до правосилноста на пресудата.

 

„Укажав и укажувам дека прифаќањето на предлогот е само уште една спрега помеѓу судството и јавното обвинителство. Во завршните зборови обвинителите ги побараа токму овие казни што се изрекоа. Тоа укажува дека од почетокот имаат договорено и определба на притворот“, изјави Алиспахиќ.

 

И самите обвинети во кратките обраќања пред судот порачаа дека се невини, а Фејзи Азири, кој доби 15 години затвор за помагање, побара во рок од 10 дена да го посети обвинителката Вилма Русковска во затвор или да го повикаат во обвинителството за, како што рече, да даде докази за организаторите, нарачателите или извршителите.

 

Во спротивно, се закани тој, ќе ги пушти во јавност и ќе ги достави до странските амбасади. Роднините на сега првостепено осудените, пак, во изјава за медиумите најавија нови протести.

 

„Дефинитивно ова не е сериозна држава ниту има сериозни институции. Тоа се покажа денеска. Дали слушнавте кои се организаторите на убиството? Кои се мотивите? Најавувам протести, не за да рушиме еден систем за да доведеме друг, туку за правниот систем да се регулира. Тоа не се случи, затоа бараме од политичките партии да се повлечат од оваа одлука и да протестираат заедно со нас“, рече Бедри Ајдари, кој беше дел од организаторите и на протестот што се организираше по завршните зборови на обвинителството во кои беа побарани најстрогите затворски казни.

 

Извор : 360stepeni.mk

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи