Ибракадабра: Се вратив да ја освојам Премиер лигата

Златан Ибрахимовиќ седна на разговор со легендата на Арсенал, Тјери Анри и му откри зошто решил да се врати во Манчестер јунајтед, а целта е освојување на Премиер лигата.

 

Швеѓанецот во јули 2016 потпиша за „Црвените ѓаволи“ и импресионираше со своите настапи во деби сезоната во Премиер лигата, но убавата приказна имаше лош крај. Ибрахомвиќ се повреди на крајот од минатата сезона во натпреварот од Лигата на Европа против Андерлехт. На Златан му се предвидуваше долга пауза, до почетокот на 2018, па Манчестер јунајтед во прв момент се откажа од идејата за продолжување на соработката со голгетерот.

 

Сепак, Златан нема да биде Златан доколку не ги надмине очекувањата. Тој се опоравува побрзо од предвиденото, па 36-годишниот напаѓач во август одново потпиша за Манчестер Јунајтед и сега е на чекор до враќање на терените.

 

„Како што реков, се вратив да го завршам она што го започнав. Се што направив во првата сезона не е она за што дојдов. Освоивме три трофеи, но тоа не беше крај каков што посакував. Мојата желба е Премиер лигата. Се што започнав во првата сезона, ќе го завршам во втората“, изјави Ибра во интервју за Sky Sports.

 

Сјајниот напаѓач дури ни сега не размислува за крај на кариерата.

 

„Во последните неколку години се двоумите, размислувате уште колку години ќе играте. Но, повредата ми донесе ‘олеснување’. Имав само една мета, а тоа е да се вратам да играм. Ќе си заминам од фудбалот онака како што влегов во него, а не на една нога. Ќе си заминам како што јас сакам да излезам. Дури и ако морам да одам по вода, и тоа исто така ќе го направам”, порача Ибрахимовиќ.

 

Фановите на Манчестер јунајтед веројатно токму ова сакаат да го слушнат од Златан Ибрахимовиќ, кој за кратко време се промовираше во лидер. На Жозе Мурињо сигурно му е потребен ваков карактер бидејќи по неочекуваниот пораз кај Хадерсфилд, „Црвените ѓаволи“ заостануваат пет бода зад лидерот Манчестер Сити.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи