Според анализите направени од страна на Државниот инспекторат за труд најчесто прекршување на правата од работен однос има во областа на преработувачката индустрија, текстилната индустрија, во чевларската индустрија, градежништвото и угостителството. Токму поради тоа најголем дел од редовните инспекциски надзори биле насочени токму во тие дејности за да се превенираат понатамошни прекршувања.
„Најчесто преставките кои доаѓаат се во однос на неисплатена плата, односно исплатена плата под дозволениот однос на минимална плата определен со закон, неисплатени додатоци на плата, тоа е прекувремена работа, невклучување на минатиот труд во исплатата на платата, работно време над определеното работно време со закон од над 8 часа и работа во денови кои се за одмор. Бројките на инспекциски надзори и на преставки покажуваат дека работниците се многу поохрабрени за разлика од претходните години во пријавувањето на прекршувањето на правата од работен однос. Тоа ме радува како директорка на Државниот инспекторат за труд, ги охрабрувам сите работници кои сметаат дека нивните права се прекршени, дека она што е вклучено во договорот за работа не се почитува од страна на работодавачот, или било кое друго право од работен однос слободно да пријават во Државниот инспекторат за труд“, рече Јована Тренческа, директоркана државен инспекторат за труд.
За време на пандемијата од март минатата година до овој период од оваа година инспекциските надзори на Државниот инспекторат за труд биле насочени токму кон почитување на сите препораки, одлуки, мерки и закони кои го штитат населението од заразни болести, вклучувајќи го и ковид-19. Анализите покажале дека ковид-19 не го зголемува прекршувањето на правата од работен однос на работниците, туку инспекторите биле секојдневно повеќе на терен.
„Секој инспектор си има месечен план за работа и по тој месечен план е обврзан да направи најмалку 20 инспекциски надзори во месецот, меѓутоа зависно од тежината на надзорот, си има коефициент на сложеност, зависно од тежината на надзорот можат да направат и многу повеќе, како што е случајот со преставките во однос на к-15. Значи прават дури и по 20 надзори во текот на една недела, а не месечно. Од прилика имаме околу 25-26.000 инспекциски надзори во текот на една година. Во текот на 2020 година околу 26.000 инспекциски надзори, од кои најголем дел беа вонредни со оглед на состојбата со ковид-19 и многу малку се одеше на редовни надзори, туку повеќе на вонредни надзори по пријави на граѓани за непочитување на мерките за заштита, по пријави на граѓани за неисплата на плата, за додаток на плата и во делот исто се вклучени надзорите кои ги вршеа инспекторите за безбедност и здравје при работа. Имаше донесено 772 решенија за утврдени нерегуларности, издадени 42 прекршочни платни налози поврзани со неносење на заштитна маска, неистакнување на едукативен информативен материјал во самата работна просторија. Поведени се и неколку прекршочни постапки пред прекршочната комисија во Министерството за труд и социјална политика“, кажа Тренческа.