Стотици гостиварци завршија во болница со стомачни болки и дијареа. Анализите на Центарот за јавно здравје од Гостивар покажале дека водата е исправна за пиење, но ќе има дополнителни испитувања од страна на скопскиот институт за јавно здравје.
Во последните три дена околу 400 луѓе побарале помош во гостивaрска болница со стомачни болки, дијареја и повраќање. Само во текот на вчерашниот ден 110 пациенти со истите симптоми побарале лекарска помош.
Здравствените власти уште еднаш потенцираат дека храната дефинитивно не е извор на труење бидејќи, според епидемиолошките и другите спроведени мерки, луѓето не јаделе храна од исто место.
Центарот за јавно здравје и Државниот здравствен и санитарен инспекторат се на терен и ја следат состојбата. Во тек е обработка на податоци по што надлежните институции ќе излезат со соопштение. Од податоците и информациите што ќе ги добијат од подрачниот Центар за јавно здравје, доколку има потреба, Инспекторатот ќе издаде решение со конкретни мерки.