Една изборна единица за наредните парламентарни избори

Facebook
Twitter
Email
Print

Пратеници од Демократски сојуз, ВМРО-НП, ЛДП, Левица и СДСМ денеска го поднесоа Предлог законот за измени и дополнувања на Изборниот законик, со кој ако биде усвоен Македонија на следните парламентарни избори ќе има само една изборна единица наместо досегашните шест.

Премиерот Зоран Заев изјави дека, иако големите партии како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ губат со овој модел, сепак тие ќе дадат поддршка за новиот Предлог закон.

„Ние сме за една изборна единица, тоа е наше изборно ветување. Уште еднаш напоменувам тоа е унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии, особено, посебно што во државата покрај помали политички партии, имаме и политички партии со етнички признак. Така што тоа дава поголема шанса за поголема застапеност во самиот Парламент, рече Заев.

Заев истакна оти би сакал претстојните локални избори наесен да се спроведат со отворени листи, затоа што, како што рече, граѓаните покрај тоа што ќе гласаат за своја определба на политичката понуда, ќе гласаат и за личност.

„Со тоа директно се созадава обврска советниците да им должат на граѓаните, да бидат отчетни кон нив и тоа исто така е унапредување на процесот на демократијата. Но, тоа се само ставови на СДСМ“, рече Заев.

Павле Трајанов од Демократски сојуз смета дека со овие измени дефинитивно ќе се демонтира еднопартиското владеење во нашата држава.

„Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе има можност повеќе партии да одлучуваат за круцијалните прашања, ќе се создадат основи за системски промени, за департизација, за деполитизација на државните институции и ќе може да се отвори робусна борба против криминалот и да се реализираат битни промени“, истакна Трајанов.

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица истакна дека неговата партија се приклучува кон оваа иницијатива за една изборна единица, и рече дека ќе ја поддржи без разлика на предлагачот. Според нивните пресметки, Левица на минатите парламентарни избори била оштетена со тројца пратеници. И Апасиев апелираше до сите пратеници да ги прифатат измените, бидејќи тие придонесуваат за демократизација на општеството.

Според новиот Предлог закон, се предвидува Македонија да биде една изборна единица, да остане пропорционалниот модел, да нема изборен праг и пресметката на бројот на пратеници да се одвива преку Донтовиот количник.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи