Прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој живе во Швајцарија и кој во јануари обезбеди донација од 20 неинвазивни респиратори за прилепската болница, вредни 200.000 евра, преку фирмата „BCD Microtechnique“ на Седрик Паху, сега сака повторно да донира од 40 до 50 вакви респиратори во 8 градови во Македонија. Донација вредна околу 350.000 евра. Веќе стапил во контакт со Министерството за здравство, но вели дека Македонија сега ќе треба да плати околу 10-тина илјади евра за придружната опрема и транспортот. Бара побрза реакција и ажурност на институциите, затоа што вели дека за 3 недели се очекувал многу поголем бран на Ковид 19, а што побрзо стигнат овие респиратори во Македонија, толку се поголеми шансите да се спасат повеќе човечки живот.
„Мислам дека за 2 до 3 недели тие респиратори ќе бидат неопходни и ќе спасат многу животи. Ќе ја подобрат клиничката слика на пациентите. Ние имаме спремено 40 до 50 респиратори кои идната недела можеме да ги тестираме, да ги докомплетираме со целата опрема и да се испратат доколку Министерството за здравство ете даде мала финансиска помош за транспортот“, вели Дејан Аџиоски, донатор на респираторите.
Освен овој Аџиоски веќе подготвува и нов проект за помош на македонското здравство. Од поголемиот дел од болниците кај нас побарал да му достават список со најнеопходната медициинска апратура и тој во текот на оваа година ќе се потруди да ја обезбеди како донација од швајцарските болници.
„Ние ќе аплицираме во Швајцарија во разни институции, болници и старскии домови за да можеме да добиеме дел од тие технички апарати коии ќе ги намениме во болниците во Македонија за подобрување на квалитетот на здравството. Тие ќе бидат половни апарати, но секако може да добиеме и нови од некои институции“, додаде Аџиоски.
Аџиоски се надева дека со овие негови донации ќе ги поттикне и другите Македонци од дијаспората да помогнат за подобрување на условите во македонските болници.