Министерот за правда, Бојан Маричиќ во работна посета на Основниот суд Кавадарци се запозна работењето на судот, а посебно со степенот на дигитализација на судските процеси.
Основниот суд Кавадарци е прв суд во Македонија каде што се одржа целосно онлајн судење. Министерот Маричиќ му честиташе на претседателот на судот, Лазар Нанев, за пионерскиот чекор, кој служи како пример за дигитализацијата на судството.
„Судот во Кавадарци треба да биде мотив, пример и инспирација за сите судови во државата да тргнат на патот на модернизацијата, на патот на што поголема ефикасност и подобар квалитет на испорачување на правдата и патот на доследно спроведување на законот и заштита на странките во постапките така како што бараат современите европски стандарди. Би сакале да го означиме на овој начин процесот на дигитализација на која работиме подолго време. Продолжуваме по оваа посета да работиме уште повеќе и да го промовираме процесот на дигитализација на судовите во Северна Македонија. ЕУ дава поддршка на процесот на дигитализацијата на судовите, следува дигитализација на повеќе судови низ државата, а за тоа правиме и законски претпоставки за ова да профункционира насекаде низ државата“, потенцираше министерот.
Маричиќ, најави дека набрзо ќе се донесе и новиот Закон за парничната постапка, каде што меѓу другото ќе се регулираат и онлајн судењата. На тој начин ќе се обезбеди нормален тек на постапките и во услови на пандемија.