Факт е дека нема вакцини и не се знае кога ќе стигнат. Ова е доказ дека надлежните не ги исполниле обврските во насока на заштита на здравјето на граѓаните за што мора да се утврди конкретна одговорност.
„Надлежни државни органи да утврдат и точно да ги лоцираат одговорните субјекти за фактот што Македонија до денешен ден се уште сама нема набавено ниту една вакцина“, велат од Твоја партија.
Од партијата велат дека од почетокот на кризата упорно укажуваат дека неажурноста на Владата ќе не чини загубени животи и огромни материјални штети.
„Со конкретни термини укажувавме на намерно или случајно пропуштени рокови во набавката на вакцини, но бевме комплетно игнорирани како од медиумите така и од надлежните органи. Но никој не може да го негира фактот дека вакцини нема и не се знае кога ќе стигнат, што само по себе претставува доказ дека надлежните не ги исполниле обврските во насока на заштита на здравјето на граѓаните за што мора да се утврди конкретна одговорност. Последните случувања околу набавката на 200.000 вакцини од кинескиот Синофарм, и тоа преку посреднички фирми од Хонг Конг, само уште повеќе ги разгорува сомневањата дека е потребно сериозно преиспитување на постапката за набавка на вакцини “ велат од Твоја партија.
Според партијата, воопшто не е спорно дека Владата најпрвин се обидела да набави вакцини преку посреднички компании, што во никој случај до сега не е дозволено од ниту еден производител. Сосема е разбирлива реакцијата на кинеските власти кои не ја дозволиле ваквата трансакција, која би можела да го компромитира целиот процес на набавка на вакцини преку драстично зголемување на цената, а исто така постои и сериозна опасност посредниците да продадат фалсификувани вакцини, кои веќе на големо се нудат на црниот пазар.
„Бараме Владата да ги објави сите разговори, понуди и договори со сите производители, сé со цел јасно да се утврди кој е директниот виновник за неуспехот за набавка на вакцини. Ова од причина што со ваквото однесување директно е згрозено здравјето на граѓаните, а плаќањето се врши со пари на граѓаните кои едвај ја преживуваат здравствената и економската криза“, велат од Твоја партија.