Паралелно со растот на вредноста на исплатени штети, расте и износот што земјоделците и сточарите го вложиле во полиси за осигурување. Лани продажбата на земјоделски полиси надминаа 7,8 милиони евра. Вложувањата на аграрните компании во земјоделско осигурување лани пораснале за 65 отсто
Земјоделците и сточарите наплатиле 313,6 милиони денари (5,1 милиони евра) штети од осигурителните компании лани врз основа на покритијата од нивните осигурителни полиси. Вредноста на исплатите за настанати штети лани се зголеми за 56 отсто во споредба со претходната година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најголем раст на наплатени штети има кај земјоделските фирми кои врз основа на осигуреното од своите полиси наплатиле 141,4 милиони денари (2,3 милиони евра) што е за 1,4 милиони евра повеќе исплати за штети во споредба со 2019 година.
На индивидуалните земјоделци минатата година осигурителните компании им надоместиле 2,8 милиони евра за настанати штети и тоа е за 18 отст повеќе од претходната споредбена година.
Паралелно со растот на исплатените штети расте и продажбата (бруто полисирана премија) на полиси за земјоделско осигурување. Аграрни компании, индивидуални земјоделци и сточари лани вложиле за 24 отсто повеќе во осигурување. Вкупната вредност на продадените полиси за земјоделско осигурување лани достигна вредност од 480 милиони днеари (7,8 милиони евра). Најголем раст на вложувања во осигурување има кај земјоделските и сточарските фирми кои за полиси лани издвоиле 65 отсто повеќе односно 215,2 милиони денари (3,5 милиони евра).
Земјоделските компании и индивидуалните земјоделци четири години во континуитет ги зголемуваат своите вложувања во полиси за осигурување на посевите, плодовите и добитокот. Според официјалните податоци на АСО продажбата на полиси за сите класи земјоделско осигурување од 2017 година до лани е зголемена за 2,5 пати.
Според евиденцијата на АСО четири компании кои нудат земјоделско осигурување лани продале вкупно 3.751 полиса. Од тоа 3.017 се индивидуални земјоделци и сточари, а 734 се земјоделски и сточарски компании.
Што осигуруваат земјоделците и сточарите?
Полисите за осигурување во земјоделството покриваат ризици од пожар, град, мраз, луња и дополнителни ризици врз посевите и плодовите. Кај осигурувањето добиток полисите покриваат ризици од последици од болести.