Пет осудени лица, меѓу кои и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кои се на издржување на затворска казна во затворот во Штип се позитивни на ковид-19, објавија повеќе медиуми. Покрај осудените, позитивни на коронавирусот се и тројца вработени.
„Кај двајца затвореници во вторникот беше потвден ковид, а вчера кај уште тројца. Сите се во добра здравствена состојба. Тројца од нив вчера беа однесени во Инфективното одделение во Клиничката болница кај инфектолог, каде им беа направени лабораториски тестви и им беа снимени белите дробови. Затворскиот доктор постојано им ја следи состојбат“, изјави Мики Тодоров, директор на штипскиот затвор.
Директорот на штипскиот затвор за заштита од ширење на вирусот вели дека на своја иницијатива ќе го затвори делот каде престојуваат овие 5 осудени лица позитивни на ковид-19. Во ова крило во затворениот дел има уште 15 осуденици, но тие немале контакт со заразените, ниту пак имаат симптоми.
Како се заразиле Чавков и останатите четворица осуденици, точно не се знае. Тие имале контакт со заразените чувари, но, како што вели директорот во ќелиите на осудените лица се влегува со опрема за заштита од вирусот. Заразените осудени лица имале и посета, па не е исклучена можноста да се заразиле и за време на посетата со блиските, иако и при посетите строго се почитуваат мерките за заштита од вирусот.
Дали затворот во Штип ќе биде затворен комплетно за посети и контакт на осудениците со лица од надвор, ќе треба да одлучи Управата за извршување на санкции која е одговорна за сите затвори во државава.
Чавков, како поранешен директор на БЈБ, во штипскиот затвор издржува затворска казна од 16 години која ја доби во судскиот предмет за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Тој првично доби 18 години, но Апелација му ја намали казната за две години.