50 години јубилеј на Mеѓународниот ден на ромите – 8-ми април 2021

На 8ми април 1971 година во Орпингтон (во близина на Лондон) бил одржан Првиот Светски Ромски Конгрес од 8-12 април, еден од најважните историски датуми за ромската зедници. На конгресот се сретнаа претставници Роми од 14 земји во светот. Од 1971 година, овој ден се манифестира низ целиот свет и претставува Меѓународен ден на Ромите во целиот свет и означува историски ден на самоопределувањето на Ромите како народ којшто живее во Европа и останатите континенти.

 

На конгресот беа донесени и усвоени неколку важни одлуки:

 

  • Ромско знаме – зелено-плаво знаме со црвено тркало во центарот, во долниот дел има зелена боја која ја симболизира земјата, а горниот дел е обоен со сина боја која го симболизира небото, додека црвеното тркало  кое се наоѓа во средина на знамето ги претставува патувањата и миграциите на Ромите;
  • Ромска химна – песната Џелем, Џелем која се темели на стара позната ромска песна;
  • Прогласување на официјален ромски јазик (romani chip), како и прифаќање на називот „Ром“ што на ромски значи човек. Наместо различните називи за овој народ: „цигани“, „чингене“, „житан“, „ацинган“, „џипси“ и сл.

 

*На Четвртиот Светски Ромски Конгрес одржан 1990 година во Серок, Полска официјално е решено 8ми Април, денот кога е отворен првиот конгрес во Лондон, да се прогласи за Меѓународен ден на Ромите кој секоја година ќе се одбележува во целиот свет на кој се промовира позицијата, културната, историската и традиционалната вредност на ромската популација ширум светот.

 

Потекло

Ромите се посебно етничко малцинство со потекло од Индија и се сметаат за мирољубив народ кој не предизвикувал војни, но мигрирал од Индија поради војните. Во 13 век Ромите се појавуваат на Балканот и работат како слуги, ковачи, бунарџии, кожари, кројачи, златари, чувари, курири, месари, но и работи кои во 16 век не биле очекувани за Ромите, како калуѓери, оператори, правници, јаничари и спахии.

Ромите се народ од индоевропско потекло, раселени се на секаде низ светот и немаат своја матична држава. Бројот на Роми е околу 12 000 000 некои тврдат дека овој број е само во Европа. Најмногу Роми има во Турција, Романија, Шпанија, Унгарија Бугарија  ги има и во останатите европски држави и ги има и во Америка.

Првите доселувања на Роми во Македонија се од Средниот век, односно 14 век. Денес, Ромите со Уставот од 2001 година се признати како народ, а според последниот попис од 2002 година, застапеноста на Ромите од вкупното население во Македонија, изнесува приближно 2.66% (53.879) со што Ромите се четвртата по големина етничка заедница во државата (по Македонците, Албанците и Турците), а според неофицијалните проценки на локалните ромски невладини организации застапеноста на Ромите од вкупното население е многу поголема и изнесува дури и до 6 проценти.

 

Јазик и поделба

Нема универзално напишан ромски јазик кој се користи од сите Роми:

 

  • Коренот на јазикот е Панџаби или Хинди,
  • Стандардизиран дијалект е креиран од страна на Лингвистичка Комисија на Интернационална Ромска Унија,
  • Има четири главни ромски „племиња“ или ромски нации: Калдераш, Макаваја, Ловари и Чурари

 

Култура

Ромската култура е различна и нема една универзална култура, но има атрибути заеднички за сите Роми:

 

  • Лојалност кон семејството;
  • Верба во Девел (Господ) и Бенг (Ѓавол);
  • Верба во судбина;
  • Стандарди и норми во зависност од групата;
  • Прилагодливост на промеливи услови на живеење;
  • Ромите преку живеење во различни земји ги менуваат своите културни вредности и верувања.

 

Кога ќе кажеме „Bahtalo 8-to April“ или „Честит 8-ми Април“, освен упатена честитка до Ромите во нашата држава, Европа и светот, тоа е испратена порака до група на граѓани кои се присутни насекаде, но очигледно недоволно заштитени и прифатени. Познато е дека повеќе години наназад, Ромите и нивното културно наследство се составен дел од општественото живеење и денес со право претставуваат конститутивна заедница. Според европската идеја за позитивна трансформација на општествениот поредок, согласно европските вредности, правила и стандарди кои се главните белези за мултиетничка и мултикултурна демократија, потребно е правична застапеност, рамноправност, подобрување на животните услови и интеграција на Ромите, борба против предрасудите и овозможување социјална инклузија.

 

Посакуваме и се залагаме за еднаков третман на сите Роми, како тие би биле слободни достоинствено да ја изградат најдобрата иднина за себе и за своите семејства.

ЧЕСТИТ МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА РОМИТЕ!

 

Mangaja thaj džaja ko odova te ovel jekhajekhikane tretmano bašo sa e Roma, te šaj ola te oven tromale te keren piro najšukar avutnipe peske thaj pe jeriengje.

BAHTALO MAŠKARTHEMUTNO DIVE E ROMENGORO!

 

Автор : Станица П.Е.Т.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира