Од денеска, па до 30 април, фирмите и самостојните вршители на дејност може да аплицираат за финансиската помош за плати за февруари и за март. По изгласаниот закон, денеска се објавени и правилниците согласно кои тие можат да го извршат аплицирањето во УЈП, информира министерот за финансии Фатмир Бесими на прес конференцијата која е во тек.
Тој рече дека новина овојпат е тоа што фирмите и самостојните вршители на дејност нема да враќат половина од добиениот износ и тоа со ништо не е условено. А доколку, пак, вложуваат пари во основни средства, тогаш сите пари им се 100% грант.
„2021 година е година на ревитализација и сите мерки се во таа насока“, рече Бесими.
За февруарската и мартовската плата се издвоени 31 милион евра. Со мерката се планира да бидат опфатени 60.000 работници. Помошта е од 14.500 денари до 21.776 денари по работник и зависи од тоа колку е намален приходот на компанијата што аплицира за помош.