Денес е 22 април, денот на Планетата Земја. Секоја година милиони луѓе низсветот го одбележуваат Денот на Земјата. Токму на овој датум, се потсетуваме која е нашата одговорност кон планетата на која живееме, но и ги потсетуваме другите дека грижата за неа е сечија должност.
Оваа година темата на Денот на Планетата Земја е „Обновена нашата Планета“ со цел да се подигне свеста дека ублажување и прилагодување кон климата не се единствени чекори кои можеме да ги преземеме – потребни се иновации во насока на зачувување и обнова на светските екосистеми, апелираат од здружението „Еко-свест“.
Глобалното затоплување, загадување на водите, почвите и воздухот, сечата на шуми и претераното искористување на природните ресурси доведоа до работ на уништување многу скапоцени екосистеми и видови
„Од една страна, можеме да кажеме дека Планетата ни возвраќа со пандемијата поради несовесниот и несоодветниот однос на човештвото кон природата и ресурсите, а од друга, гледаме дека човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува „по старо”. Во периодите на воведените рестрикции за движење се забележаа најголемите штети по природата“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.
Планетата Земја ја доживува декадата на загадување и уништување, а нашите заштитени подрачја трпат сериозен притисок току за време на пандемијата. Во светот се прават напори за зачувување и унапредување на зелените површини во градовите за да се создадат сложени урбани екосистеми кои ќе вршат повеќе функции – намалување на загадувањето, фаќање и прочистување на дождовна вода, спас од поплави како и големи зелени површини за инсекти и мали животни.