Рестриктивните мерки истекуваат утре, 27 април, а Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува дали тие ќе бидат продолжени и во текот на следната недела, вклучувајќи ги и велигденските празници.
Главниот координативен штаб минатата недела соопшти дека ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица. Како што беше соопштено, тоа би вклучувало отворање на угостителските објекти за работа со гости на терасите од угостителскиот објект. Понатаму, комисијата предлага пократок полициски час и тоа од 21 часот до 5 часот наредниот ден, наместо од 20 часот како што е во моментот.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера нагласи дека бројот на новозаразени со коронавирусот бележи надолен тренд и ги повика граѓаните за време на претстојниот велигденски празник да не се групираат и да ги почитуваат мерките за заштита.
„Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита. Има многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот“, порача Филипче.