Спомен кула во чест на ОНА ќе гради Општина Липково во селото Слупчане. На сајтот на бирото за јавни набавки веќе е објавен договорот меѓу општината и компанијата „Хоџа инжинеринг“ од Куманово, која има рок изградбата да ја заврши за шест месеци, односно до 25 ноември. Договорот, со вклучено ДДВ е склучен на сума од 12.115.109 милиони денари, или приближно 200.000 евра, сума која ќе се одвои од општинскиот буџет.
На 20 годишнината од воениот конфликт на местото каде што треба да се изгради спомен обележјето, лидерот на ДУИ Ахмети и локалната власт, положија цвеќе и ветија дека кулата набрзо ќе биде изградена.
Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, тогаш рече дека изградбата на споменикот доцни, а до тогаш биле поминати разни процедури додека урбанистичкиот план на општината започнал во 2015.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека тие не ја издаваат дозволата за градба, туку само известувањето околу усогласеноста, а општината е одговорна за урбанистичкиот план.