„Едвај чекам да заминам од тука” се зборовите кои најчесто ги слушаме од секој втор млад човек. Жално, но вистинито. Секако дека има и млади кои не сакаат да го напуштат своето родно гнездо, меѓутоа нивниот број е се помал и помал. Па тука се поставува прашањето: Дали Македонија е едно безнадежно место во кое што нема иднина за младите? Кога би бирале, дали би останале тука за да го работите тоа што го посакувате и за кое што сте учеле или би заминале во некоја од Европските земји каде би земале многу повисока плата, но би работеле нешто што не ви се допаѓа?
Дали би го оставиле целиот свој живот вклучувајќи ги семејството, пријателите, и би се иселиле за подобар квалитет на живот? За жал, многу од младите би одговориле ДА.
Животот во Македонија е далеку од совршен и нуди се помалку можности за младите.
Првичниот проблем како младо лице го гледам во тоа што младите не можат да се осамостојат и да станат независни од своите родители. Ниските плати кои ги добиваат не се доволни за да живеат сами, плаќаат сметки, а притоа да си ги дозволат и оние мали задоволства: излегување со пријателите, посета на курсеви, купување облека и патувања.
Меѓутоа младите не си одат само поради ниски плати и немање работа, си одат бидејќи сакаат слобода, различност, не сакаат да бидат неосновано осудувани и етикетирани од врсници кои се само пред мобилниот телефон и ништо не прават. Си одат поради недостаток на квалитетно образование, функционален здравствен систем, стабилна политичка и економска ситуација, богат културен живот и здрава еколошка свест.
На нас младите ни треба слобода, ни треба забава, можности, позитивни приказни и позитивен наратив, подобар квалитет на образование. Колку и да ни гледаат примамливо различните искуства и приказни за животот во странство, мора да запомниме дека ништо нема без пожртвуваност и напорна работа. Ништо не доаѓа преку ноќ и „парите не паѓаат од небо“.
Што ни треба за да се самореализираме во оваа држава?
Потребно ни е правилно водство и насочување од возрасните. Потребни ни се силни институции во кои што младите ќе имаат доверба (која во моментов е повеќе од изгубена). Потребен ни е пристоен квалитет на живот, услови во кои младите максимално ќе можат да го искористат својот потенцијал. Тогаш и само тогаш младите помалку ќе размислуваат за заминување во странство.
Автор: Марија Ташкоска, практикант во Коалиција на младински организации СЕГА.