Вардар по вторпат триумфално се враќа од гостувањето во Будимпешта кај ФТЦ, овојпат со победа 29-28 (16-12) и „црвено-црните” го задржаа првото место во група Ц, и останува најуспешна екипа сезонава во ЛШ. Во следната фаза ќе пренесе најмалку 6 бодови, од кои четири се од дуелите со ФТЦ.
Унгарскиот тим во овој меч влезе со самодоверба по победата над Ѓер во домашното првенство, но не успеа да направи уште еден голем резултат и да го победи Вардар.
Македонскиот женски ракометен шампион на крајот победи со 28:29, пред се благодарение на подобрата игра во клучните моменти од средбата кога се кршеше резултатот. Избраничките на Дибирова предноста од 12:16 на полувремето успеаја да ја испуштат на девет минути пред крајот на натпреварот кога на семафорот стоеше 23:23, но ова не ги поколеба вардарки да одат на тактизирање, па со максимално ефикасна и концентрирана игра стигнаа до уште една победа, петта во петтото коло во групната фаза.