Пренесувањето знаење е само еден сегмент од работата на наставниците. Тие даваат клучен придонес за емотивниот и когнитивниот развој на децата и имаат централна улога во општествениот развој и промените. И покрај тоа што, за жал, некои деца се жртви на насилство во своите домови, наставникот може да понуди алтернативни начини за живеење со тоа што ќе моделира конструктивно ненасилно однесување и ќе негува емпатија и вештини за мирно решавање на споровите. „Прирачник за наставници против родово базирано насилство” ги истражува разните форми на насилство што се случуваат во училиштата и нуди практични предлози што може наставникот да направи за да го спречи тоа. Понудени се десет подрачја за акција, а секое содржи специфични примери кои наставникот може да ги приспособи при справувањето со и спречувањето на насилството.
Наставниците и учениците може да го користат прирачников за справување со и спречување на насилството. Училишното насилство претставува многу сложено прашање и затоа е потребно да бидат опфатени бројни фактори. Таквите фактори вклучуваат: потреба од учество на учениците; холистички пристап со учество на родителите, едукаторите и заедницата; поврзување на политиката, легислативата и практиката; развој на индикатори за насилство; и подготвеност на средината да се ангажира околу концепти како што се универзалноста на човековите права како дел од приодот базиран на човековите права. Прирачников претставува клучна појдовна точка за училишната заедница да преземе акција. Цената на неактивноста е многу висока бидејќи последиците од насилството децата ги чувствуваат во текот на целиот живот, се успорува емотивниот и когнитивниот развој, имаат влијание врз здравјето, однесувањето и на крајот врз целото општество. Ниту една форма на насилство не е оправдана, и секое насилство може да се спречи. Овој прирачник има цел да доведе до суштински промени со тоа што ќе им помогне на училишните заедници и на пошироката аедница да се спротивстават на насилството и да применат мерки за негово спречување.
Всушност на страните на прирачникот може да се прочита што е родово базирано насилство, како и за видови родово базирано насилство во училиштата и нивните последици. Во овој прирачник опишани се и десет активности за запирање на насилството во училиштата, а како последен дел на прирачникот е и Извештај од Завршната конференција на проектот. На конференцијата присуствуваа учесници од различни сектори: Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Министерството за внатрешни работи – Подрачна единица Прилеп, НВО сектор, училишта, пробација, медиуми, учесници од територијата на целава држава, од повеќе од 12 општини.
Прирачников е изработен како дел од проектот „Акции против родово базирано насилство кај Ромите и други маргинализирани групи“ фаза II, кој го реализираше Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп во периодот од 20.01.2020 до 31.12.2020. Проектот беше финансиски поддржан од Федералната канцеларија за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Овој Прирачник претставува публикација која е добро да се има и користи.
Автор: Центар за граѓанска иницијатива Прилеп.