На вистинскиот пат сме да изградиме систем и политики кои ќе ги поддржуваат нашите претприемачи, да се охрабрат и да почнат да ги реализираат своите идеи. Условите за започнување на нов бизнис и создавање на старт-апи се подобруваат, а младиот претприемач полека, но сигурно, го зазема централното место во домашната економија, посочува вицепремеирот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќ во неговата колумна.
Стартапите, новите иновативни бизниси се моторот на новото време, на современите економии. Ние сме на правиот пат да изградиме систем и политики кои ќе ги поддржуваат нашите претприемачи, да се охрабрат и да почнат да ги реализираат своите идеи.
Преку националниот стартап совет, тело кое е формирано пред отприлика 6 месеци, а го креиравме заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, имаме идеја нашата земја да стане старт ап хаб на Балканот.
Целта е, заедно со сите луѓе со кои се среќаваме често, да креираме нови политики и да направиме соодветна измена на оние каде што е потребно, за да креираме клима која ќе поддржува развој, иновативност, креативност и успех на новите бизнис идеи.
Старт ап советот е со мешан состав и на сите им благодарам за несебичниот придонес кон креирање на поврзаниот систем кој им е потребен на нашите млади претприемачи.
Во моментов проектите на нашите стартапи се и до 70% финансирани од Фондот, или тоа значи дека се финансирани од државата односно буџетот. Ова во иднина мораме да работиме драстично да се промени.
Токму со националниот совет работиме на неколку законски решенија кои треба да доведат до промена на оваа слика.
Тоа се законот за бизнис ангели, кој е нужен за да може да се вклучи и приватниот сектор во финансирање и вложување во потенцијални успешни идеи. Искрено се надевам дека приватниот сектор ќе почнеме се повеќе да го гледаме како инвеститор во домашниот старт ап систем.
Работиме и на Законот за дигитални номади со кој ќе им се дозволи престој од 12 месеци на селектирана и таргетирана група странски државјани, дигитални номади. Овој процес треба да е лесен и едноставен, односно целосно да биде дигитализиран и без административни препреки.
Дополнително, во програмата на Владата е и скалестото намалување на данокот за личен доход за ИТ индустријата до 0% до 2023 година, што верувам дека ќе поттикне развој и инвестирање.
Она што за прв пат го правиме во нашата држава е Стратегија за вештачка интелигенција. Ова исто така го работиме заедно со Фондот за иновации и технолошки развој и истата треба да ја поттикне и раздвижи оваа индустрија.
Во петокот со директорот на фондот, Коста Петров го најавивме и јавниот повик за првиот дигитален АИ асистент за програмите реализирани преку трите столба на Планот за економски расткој треба да ја олесни комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите.
Дигиталниот АИ асистент треба да е “способен за брзо учење”, да овозможи комуникација со корисниците преку текстуални пораки, да го прилагоди својот јазик и тон врз основа на контекстот, да разбере и одговори на македонски, албански и англиски јазик и лесно да се ажурира во реално време.
Младите претприемачи се важен сегмент околу кој треба да се гради стратегијата за развој на домашната економија во иднина. Нивните иновативни методи како и волјата за работа сметам дека се предност и значаен адут за економијата, затоа Владата мора да најде начин да им помогне тие полесно да ги остваруваат целите.
Владата е таа која треба да им го олесни и да им го трасира патот за водење бизнис на младите претприемачи, пред сѐ на оние кои сакаат за првпат да започнат со сопствен бизнис. Но ние не треба да го креираме пазарот туку само да бидеме партнер кој им помага кога тоа им е потребно.
Токму затоа, Фондот за иновации и технолошки развој го претворивме во вистински дом за сите микро, мали и средни компании, а во неговото портфолио за само четири годиниима 642 компании, кои реализирале, реализираат или ќе започнат со реализација со проекти во вкупна вредност од 85,1 милиони евра. Од овие компании, речиси 51% од компаниите се стартапи, млади претпријатија, што значи дека сме успеале да поттикнеме развој на нови бизнис идеи.
Имено, во тоа се состои и главната суштината на финансиската поддршка која ја обезбедуваме како Влада, преку Фондот за иновации и технолошки развој. Охрабрување на ентузијасти да се осмелат да ја преточат својата уникатна идеја во реалност, а ние во тоа да им помогнеме и да им подадеме рака тогаш кога тоа им е најпотребно.
Силно верувам во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, тие се оние кои ќе не воведат во четвртата индустријализација. Со нив можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, да ги користиме најоптимално ресурсите, преку нив да работиме на се поголема инклузивност и диверзификација по сите основи.
За да можеме да го оствариме сето ова има неколку клучни точки кои мора да работат во синергија – првата точка е образованието. Тука треба да почне семето на претприемништвото, и да се храни храбриот и иновативен дух на младите луѓе. Самите универзитети и професорите треба да земат активна улога во поттикнувањето на новите лидери кои ќе го променат светот.
Следни се инкубаторите и акцелераторите кои ќе вложуваат во ран развој, кој ќе даваат шанса на многу млади бизниси за да може од сите нив да се види кои ќе го поминат ситото и ќе преминат во следната фаза. По нив се инвестициските фондови, како Фондот за иновации, но и приватни фондови кои ќе вложуваат во супер креативни идеи на новото време. Секако, политиките и поставеноста на економскиот систем е работа на Владата и на тоа посветено работиме.
Заедно со националниот совет за стартапи веќе работиме на овие храбри чекори, се надевам дека ќе инспирираме што повеќе луѓе да се вклучат и ќе бидат понесени од идејата – Северна Македонија старт ап дестинација во регионот!, пишува Фатмир Битиќи, претседател на Старт ап советот.