Вкупно 12 лица кои биле на куќна слава во Прилеп побарале медицинска помош на инфективното одделение во Општата Болница Прилеп со симптоми кои асоцираат на алиментарна токсоинфекција.
Градоначалникот на Прилеп, д-р Илија Јованоски за „Слободен печат“ вели дека меѓу затруените повеќето биле деца на возраст меѓу 12 и 16 години, но и помлади, а имало само еден возрасен пациент.
„Сите пациенти се јавиле во болницата во Прилеп, во Инфективната и во Детската клиника со дијагноза акутно труење со месо. Една пациентка е задржана в болница преку ноќта. Другите со полесни или потешки симптоми, со терапија се пуштени на домашно лекување, вели за „Слободен печат“, д-р Илија Јованоски.
Директорката на ДСЗИ, доктор Ирина Сотирова Бухова вели дека постои сомнежот оти причината за труењето е месо што било купено од месарницата „Харизма“ во Прилеп, а сите 12 пациенти имале симптоми на алиментарна токсоинфекција.
„Вчера ДСЗИ заедно со инспектори од Агенцијата за храна, епидемиолог и техничари од Центарот за јавно здравје Прилеп, изврши вонреден инспекциски надзор во правниот субјект месарница Харизма.
Во дневната болница во Прилеп на втори август примени биле 12 лица со симптоми на труење со храна. Добиено е известување од Центарот за јавно здравје Прилеп за сомневање за труење со храна – приготвено месо на скара. При надзорот се земени брисеви од месото односно мостри од храна и површината каде таа се приготвувала и се чекаат резултатите.
Делот од објектот кој е наменет за подготовка на производи од месо на скара е затворен со лента од страна на ДСЗИ и ќе остане затворен до добивањето на резултатите од земените материјали“, изјави доктор Бухова за „Слободен печат“.
Неофицијално дознаваме дека во месарницата имало просторија каде се прави и се продава храна која немала дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Останува непознато дали и други потрошувачи конзумирале од истите плескавици како и гостите на славата и колку време објектот работел без да биде проверен од Агенцијата за храна чијашто должност е да ги контролира економските субјекти.
Постои сомневање дека труењето е настанато со салмонела, но за потврда се чекаат официјалните резултати земени од мострите.