Прогласена кризна состојба од 30 дена во целата држава поради пожарите


Владата на денешната 95-та седница прогласи кризна состојба во траење од 30 дена заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење.

„Одлуката за постоење кризна состојба на територијата на Република Македонија, заради зголемена појава на пожари и спречување на нивно ширење во траење од 30 дена, е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати страни“, вели портпаролот на Владата Мухамед Хоџа.

Одлуката доаѓа во ситуација кога Македонија деновиве е зафатена од десетици пожари. За Одлуката, ќе биде известен претседателот Стево Пендаровски и Собранието.

Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе и неколку заклучоци.

На претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш да почне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

МВР, Армијата, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа  да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба.

Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на државата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи