Општинскиот кризен штаб е во постојана комуникација со Центарот за управување со кризи, дирекцијата за заштита и спасување и со командирот на ТППЕ кој управува со сите единици со армијата, со припадниците на македонски шуми и јавните комунални претпријатија, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
„Во овој момент можам да кажам дека пожарот што беше на потег Топлица е локализиран за среќа и регионалниот пат Прилеп- Гратско е прооден повремено се појавува пожар околу селата Топлица и Ракле, но теренскиве екипи го гаснат. Како проблем го гледам пожарот кај Смолани кај што гори нискостеблеста шума и многу блиску е до боровата шума која во секој момент се очекува во зависнот од силината на ветрот да го зафати и тој дел. Токму затоа побаравме воздушна поддршка, јас разговарав со директорот на Центарот за управување со кризи и ми беше кажано дека во овој момент не се во можност да обезбедат воздушна поддршка зошто градовите Делчево и Пехчево каде е огнената стихија голема, има поголема потреба од воздушна поддршка“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Тој исто така посочи дека во моментот се приклучуваат и луѓе кои ќе можат да гаснат пожар со грбни пумпи (напртњачи), а исто така барањето упатено до Центарот за управување со кризи останува отворено. Градоначалникот Јованоски е во постојан контакт со сите одговорни и вкучени единици во екот на справување со пожарите.